Во посета на Библиотеката во Гевгелија беа ученици од основното училиште „Кирил и Методиј“ од Стојаково од прво до четврто одделение. Целта на посетата беше запознавање со работата и дејноста на Библиотеката и разгледување на просториите каде се чуваат и издаваат книги.
Музичко-поетска вечер
На 6 март со почеток во 20:00 часот во Казино „Фламинго“ Хотел за првпат се одржa музичко-поетска вечер насловена „Моја песна-омилен рефрен“, во организација на Библиотеката од Гевгелија и хотелот „Фламинго“. На вечерта посветена на жената во музичкиот дел учествуваа: Игор Узунов, Орце Издушнов, Васко Трајков, Елена Поп-Костова, Христина Пелева, Марија Каркалашева, Јулијана Јованова. За поетскиот дел беа задолжени Елена Диновска, Софија Минева, Никола Атанасов, Александар Апостолов и Лилјана Танчева. Освен музика и поезија со свој настап вечерта ја збогатија и ансамблот „Бојмија“, а Стела Динова за време на одржувањето на манифестацијата сликаше на тема „жената и песната“. Претходно пред започнувањето на музичко-поетската вечер Казино „Фламинго“ Хотел го презентираше Спа центарот
Библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија го промовираше слободниот софтвер на македонски јазик ФЕДОРА 7. Промотор на софтверот беше Влатко Трајков. Бесплатен примерок доби секој од присутните гости на промоцијата. Според оние кои досега го имаат инсталирано овој софтвер, се работи за доста функционален и лесен за пребарување.
По барање на Елена, еве ја и презентацијата во Open Office и Microsoft Office формат.
Средба со Горјан Петревски
Во рамките на Саемот на книгата 2008 година во просториите на библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија се одржа средба на писателот Горјан Петревски со учениците од ООУ „Владо Кантарџиев“. Запознавајќи се со творештвото на овој реномиран детски автор пред учениците, наставниците и останатите гости беше промовирана новата книга „Сонот на Споменка“ во издание на „Детска радост“. Вториот дел од средбата беше резервиран за прашања од присутните кои беа љубопитни да дознаат за колку време се пишува една книга и дали ликовите во романите на Горјан Петревски се вистинити или не. На крајот од средбата авторот ги потпишуваше своите дела.
Саем на книгата 2008
Од 18 до 22 февруари во просториите на Библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија се одржи вториот Саем на книгата. На саемот учествуваа издавачките куќи: „Култура“, „Младинска книга“, „Детска радост“,„Феникс“, „Магор“, а со производи свој штанд имаше и „Бест компјутери“. За отворен саемот го прогласи директорот на Библиотеката од Гевгелија Тони Аврамов, а освен воведното излагање пред присутните гости беше прочитан и извештајот за работа на Библиотеката за 2007 година, кој според оценките на Советот на Општина Гевгелија, но и според корисниците на Библиотеката е една од поуспешните години во работењето. Трендот на ваквото работење ќе продолжи и во иднина, со нови и оригинални манифестации и активности кои се веќе дел од програмата за 2008 година.
Саемот е прва манифестација во 2008 година со која Библиотеката од Гевгелија ги започнува активностите за популаризација на книгата.













