Врска до листата на книги со кои библиотеката располага.
Заедницата на југословенските национални библиотеки на некогашна Југославија во 1987 година го прифати системот на заемна каталогизација како заедничка основа на библиотечно-информацискиот систем и системот на научни и технолошки информации на Југославија, а улогата на информациски и библиографски сервис, и воедно носител на развојот на организациските решенија и програмската поддршка, ја презеде Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор (Словенија). До распаѓањето на Југославија во 1991 година, во системот учествуваа 55 библиотеки од сите нејзини некогашни републики.
Во 1991 година ИЗУМ го промовираше системот COBISS (Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) како надградба на системот за заемна каталогизација. Тогаш се започна со користење на истиот акроним и за соодветната програмска поддршка. Библиотеките надвор од Словенија потоа истапија од заедничкиот систем на заемна каталогизација, но постепено скоро сите ја обновија соработката со ИЗУМ и денес, во своите држави, воспоставуваат автономни библиотечно-информациски системи врз платформата COBISS.
COBISS претставува организациски модел на поврзување на библиотеките во библиотечно-информациски систем со заемна каталогизација, заемна библиографско-каталошка база на податоци COBIB и локални бази на податоци на библиотеките учеснички, база на податоци за библиотеките COLIB, нормативна баз а на податоци CONOR, како и бројни други функции на т.н. виртуелна библиотека. Стручните основи и технолошките претпоставки за функционирање на системот се:
1. стандардизирана и заемна обработка на библиотечната граѓа и уедначено водење на каталогот,
2. соодветна оспособеност на стручните работници за заемна каталогизација,
3. компјутерска и комуникациска поврзаност на библиотеките.
COBISS2 и COBISS3 се две генерации на програмската поддршка COBISS за автоматизација на библиотечното работење и пристап до различните бази на податоци на Интернет. Програмската поддршка, која ја развива и одржува ИЗУМ, поддржува различни функции на библиотеките и библиотечно-информациските сервиси со можност за избор на кориснички интерфејси на повеќе јазици (словенечки, српски, босанкси, македонски и англиски).





