Венко Андоновски „Вештица“
22.02.2007
Во организација на ЈОУ-Библиотека „Гоце Делчев“, а под покровителство на градоначалникот на општина Гевгелија во хотелот „Фламинго“ се одржа промоција на најновиот роман на Венко Андоновски „Вештица“
Воведниот збор и освртот врз творештвото на единствениот македонски писател, добитник на престижната награда Балканика, пред присутните го имаше Данило Коцевски.
Читателот кога го чита овој роман, се наоѓа во фантазијата на раскажувањето кој го доловува авторот Венко Андоновски. Во романот „Вештица“ во еден миг кога го читате можеби ќе се запрашате дали пишувањето како и живеењето и воопшто уметноста не се исто така една опасна работа во основа. Отровна е и заразна нарацијата на Андоновски, истакна во својата рецензија Коцевски.
Промоцијата беше пропратена со кратки видео филмови изработени врз мотиви од романот, во режија на Даниела Џишева а во финална видео изработка на Тони Аврамов. Извадоци од книгата читаше Миле Узунов.








