ПРВ БИБЛИОТЕКАР – ДИМИТАР ТАНЕВ
1957 година –ПРВ РАКОВОДИТЕЛ НА БИБЛИОТЕКАТА - АЛЕКСАНДАР ВАЦЕВ
1962-1978 БИБЛИОТЕКАТА РАБОТИ СО ТРОЈЦА БИБЛИОТЕКАРИ
1962-1978 ПОСТОЈАТ ШЕСТ ПОДРАЧНИ БИБЛИОТЕКИ
1978 - 1999 ДИРЕКТОР НА БИБЛИОТЕКАТА Е СЛОБОДАНКА ДУЕВА
2000 - 2003 ДИРЕКТОР НА БИБЛИОТЕКАТА Е КИТА БОЕВА
2004 - 2006 ЗА ДИРЕКТОР НА БИБЛИОТЕКАТА Е ПОВТОРНО ИМЕНУВАНА СЛОБОДАНКА ДУЕВА
Од 2006 година Библиотеката е именувана за Јавна општинска установа – библиотека „Гоце Делчев“
Од 13.02.2007 година на конкурсот за нов директор на Библиотеката е избран ТОНИ АВРАМОВ

На третиот републички натпревар „Млади библиотекари“ што се одржа во Скопје во библиотеката “Браќа Миладиновци“ на 8.11.2002 година од вкупно 28 натпреварувачи првото место со освоени 150 бода и припадна на Рената Џотова, член на библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија, а под менторство на Нада Марјановиќ - виш библиотекар.
Од 01.01.2008 година Библиотеката стартуваше со нова веб страница на која освен податоци за историјатот и развојот на библиотечната дејност во Гевгелија се ставени и информации од општественото живеење во регионот. Оваа е прва веб страница за јавна општинска установа од Гевгелија. Техничката изработкана страницата е Даниел Смилков, а креатор и администратор Тони Аврамов.
Зградата на Библиотеката претставува споменик на културата. Оваа градба, достоинствено носејќи ги разните влијанија на времето кое поминувало, датира некаде од втората деценија на 20 век. Иако во целата приказна недостасуваат по некои детали, кои останале заборавени низ времето, сепак по кажувањето на Ванчо Карајнов, еден од постарите гевгеличани, еснафи, зданието е изградено 1911-1912 година. Финансиер, односно нарачател бил некој си Турчин, чие име не е познато, богат чорбаџија, кој работел како банкар, поточно се бавел со лихварство.
Тој, својата желба му ја образложил на некој сиромав, но способен, мајстор од Дебар, кој всушност го направил и идејниот проект, следејќи ги потребите на својот инвеститор-Турчинот. Потоа овој самоук мајстор, со својата тајфа, го издигнал ова здание, кое исполнувало две намени, долу била менувачница, додека пак катот претставувал станбен простор, каде биле сместени четирите анами на Турчинот. Се знае дека овој Турчин бил мошне богат, така што, уште во тоа време имал и свое обезбедување.
Мајсторот од Дебар по оваа градба бил баран и од други стари чорбаџии од Гевгелија. Турчинот имал малку време да се радува на ова прекрасно здание. По балканските војни најверојатно тој бил принуден да го напушти градот, па од 1914-1928 година како сопственик се појавил Беширев Андон. Непознато е како овој конак дошол во негови раце (некои тврдат дека го купил, некои дека го зел под наем), но сигурно е дека во овој период, бил организиран, долу како кафеана, а горе ја задржал намената за живеење.
Од 1932 овој конак бил претворен во столарска работилница, чиј сопственик бил Ѓорге Бајалцалиев, каде како чирак работел Ванчо Карајанов, по чии сеќавања, се следи, колку е тоа можно, историјата на ова здание.
По Втората светска војна, 1946 година, конакот е национализиран од страна на државата. Десетина години, тој исполнувал најразлични намени, се додека не бил преиначен во народна библиоотека, која што функција ја задржал до ден денешен, со тоа што приземјето служи за читалиште, а на катот се сместени канцелариите, односно административните работи.
Вистински куриозитет претставува тоа што со текот на времето и покрај многубројните функции што ги имало ова здание, конакот останал речиси неизменет. Освен незначителните освежувања на фасадата, тој останува непроменет споменик и сведок на македонската архитектура од почетокот на 20 век. Интересно е да се спомене дека столбот, сместен на средината од приземјето, чија што основа ја следи формата на конструкцијата, е лиен, специјално за оваа намена во Солун.
Строго архитектонски гледано, приземјето со височина од 3,90 метри е проектирано за деловна намена, додека становањето е сместено на катот, со влез од јужната страна. Кај основата на катот се прави обид да се добијат прави агли на простории за становање, што не е случај со приземјето, чија што основа ја следи формата на локацијата, сместена на аголот меѓу двете улици.
Објектот има мошне изразена второстепена пластика на фасадите, што е израз на времето во кое е изграден истиот и под влијание на стилот на градење, што се провлекувал на овие простори и ја карактеризира таа наша македонска градска архитектура.






